In Medias Res
In medias res е месечен поткаст кој го објаснува апсурдното политичко и општествено секојдневие во Република Македонија. Преку анализа на настаните и одлуките кои нѐ довеле до тука, но и преку обид да се антиципираат идните настани – ин медиас рес го прави секојдневието полесно за разбирање. Ненад Марковиќ месечно води разговор со политиколози, историчари и општествени аналитирачи на теми кои сите нѐ засегаат.
Episodes
Friday Sep 29, 2023
Во име на народот
Friday Sep 29, 2023
Friday Sep 29, 2023
Уморот од досегашните актери на политичката сцена, перманентните идентитетски расправии со соседите, слабата социоекономска форма на земјата, серијата глобални кризи, но и предолгиот европски пат кој досега го изодевме, а никако да кулминира со успех, нè доведоа до тоа, македонското општество да создаде предуслови за процут на феномен кој не е така непознат кога вакви фактори ќе ја создадат совршената бура – популизам. Како идеологија која примарно му се обраќа на „народот“, таа ветува решенија за сè, па и за невозможното, а луѓето се подготвени да поддржат популистички партии и движења, во очај и исцрпеност од опциите кои до тогаш ги имале, а се чини не направиле доволно за малиот човек. Зависно од условите, во Европа брановите на популистички партии доаѓаат и си заминуваат, а во моментов се наоѓаме пред голем пораст на јавната поддршка за популистичките партии на глобално ниво и она што се нарекува четврти бран на популизмот. И ако мислевме дека македонското општество е отпорно на вакви феномени, реалноста нè демантира. И Македонија и регионот се чини дека нема да бидат исклучок од глобалниот тренд. Покрај сите кризи кои се погонско гориво на популистичките партии, се поставува прашањето – а зошто би биле?
На темата популизам говориме со Јован Близнаковски од ИСППИ и Димитар Николовски од Евротинк.
Friday Jul 14, 2023
Консензусот наш насушен
Friday Jul 14, 2023
Friday Jul 14, 2023
Еден од најголемите проблеми на македонската демократија се чини дека е градењето консензус во важни национални прашања. Независно од големината на проблемот, домашните политички елити ниту еднаш самите не дошле до консензус за одредено прашање по пат на политички договор. Иако националните приоритети на Р.С. Македонија отсекогаш биле јасно поставени и зацртани, се чини дека нивното остварување оди многу потешко од планираното токму заради недостигот од цврст консензус како да се дојде до целта. А и оној консензус кој постоеше до сега околу надворешно-политичките прашања полека се расипува и се растура под налетот на неуспешниот процес на интеграција во Европската унија и појавувањето на алтернативни опции. Почетокот на македонската државност беше обележен со судирот меѓу двете најголеми етнички групи за потоа овој конфликт полека да се пресели на внатретнички план, како кај етничките Македонци така и кај етничките Албанци. Ова само дополнително ги компликува работите.
За темата национален консензус и можноста истиот да се постигне по одредени прашања, разговараме со д-р Ѓулистана Марковска, поранешен пратеник и проф. д-р Ризван Сулејмани, поранешен министер, пратеник, универзитетски професор, обајцата искусни ветерани на македонската политичка сцена.
Tuesday Jun 27, 2023
Нешто не се разбираме
Tuesday Jun 27, 2023
Tuesday Jun 27, 2023
Политичките партии водат јалов дијалог за уставните измени. Наместо да се дојде до решение, целата битка се претвори во политичко надмудрување. И оваа криза, како и многу други, почна со неможност за комуникација во Собранието, а потоа се пресели во стандардниот формат на лидерски средби. Како веќе познат феномен, разрешницата е повеќе од јасна. Доколку лидерските средби и меѓународниот притисок не го решат проблемот, тоа сигурно ќе го сторат изборите. Ова често повторувано сценарио ни се има случено при скоро секоја поголема политичка криза во државата. И додека партиите се натегаат, толку граѓаните се понегативно гледаат и на Собранието, но и сè помалку веруваат во политички флоскули од секаков тип. Агресивноста во јавната сфера се зголемува, а политичката комуникација во јавната сфера е контаминирана со емоции и афективност, решенија секако недостасуваат. За темата политички дијалог и политичка комуникација разговараме со Јордан Шишовски, универзитетски професор и Сефер Селими, политички аналитичар од тинк-тенкот Democracy Lab. За крај, заклучни согледувања ќе ни даде Никола Донев, истражувач од ИДСЦС.
Thursday Jun 01, 2023
Криво седи, право суди
Thursday Jun 01, 2023
Thursday Jun 01, 2023
Три децении судскиот систем во Македонија бележи едно од најниските нивоа на доверба кај граѓаните. Најновите случувања во Судскиот совет само ја надополнуваат и придонесуваат кон лошата слика за она што се случува како долгорочен негативен тренд во македонското судство. Ваквата констатација создава состојба кога сите судии, и оние кои чесно и навремено си ја вршат својата работа и оние кои се дел од овие коруптивни и непотистички практики, се ставаат во ист кош без сериозна анализа на условите и предизвиците со кои судиите секојдневно се соочуваат. Тука се и далеку подлабоките проблеми во самата правна култура во државата, која се формира под влијание на фактори кои не секогаш влијаат врз нејзиното подобрување. Во такви услови, правната, а особено судска култура вешто се прилагодува на условите, не секогаш создавајќи правен систем кој е и правичен систем.
За предизвиците со кои се соочуваат судиите, но и правната и судска култура кај нас зборуваме со Софија Спасова-Медарска, судијка во Основниот граѓански суд Скопје, и доц. д-р Денис Прешова, професор по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Thursday Apr 20, 2023
Пропорционално мнозинство
Thursday Apr 20, 2023
Thursday Apr 20, 2023
Потрагата по вистинскиот изборен модел кај нас трае подолго од три децении. По прогласувањето на независноста, државата го воведе мнозинскиот изборен модел за парламентарните избори, за веќе во 1998 година да стане јасно дека тој е несоодветен од многу причини. Во 1998 година се обидовме со комбиниран модел, за веќе во 2002 година да го воведеме оној кој и денес го имаме – пропорционалниот изборен модел со шест изборни единици и Д’онтовата формула. Иако се чинеше дека прашањето ќе заврши тука, сè погласни се намерите на одреден број политички партии и овој модел да се менува, поради тоа што не им дава премногу шанси на малите политички партии. Сепак, останува отворено прашањето дали магијата во изнаоѓањето на вистинскиот изборен модел кој ќе ги претстави верно гласовите и интересите кои постојат во општеството, а притоа нема да ја загрози стабилноста, треба да се бара во бројот на изборни единици, изборниот праг или формулата по која се пресметуваат мандатите. Од сѐ по нешто, изгледа... Сепак, тука не е крајот. Прашањата за изборниот модел на локалните избори, прагот за претседателските избори, но и родовата застапеност на изборните листи и олеснувањето на изборниот процес на лицата со попреченост претставуваат горливи прашања за кои мора да се поведе отворена општествена дебата. И тоа веднаш.
Thursday Mar 23, 2023
Чао, ЕВН!
Thursday Mar 23, 2023
Thursday Mar 23, 2023
Судирот во Украина изроди апокалиптични сценарија во кои европските држави требаше да се смрзнат измината зима, да доживеат енергетски колапс или во најмала рака да се соочат со енергетски дефицит кој би ги дестабилизирал политички и економски. Иако ништо од тоа не се случи, останува сепак впечатокот дека сега повеќе од кога било мора да се отворат темите на енергетска независност на државите, вклучително и Македонија, како и темите за енергетска транзиција, декарбонизација и секако инвестирањето во обновливите извори на енергија. Од една страна, постои потреба да се објасни која е иднината на енергетскиот сектор во Европа и кај нас, со цел да се постигне и поголема енергетска независност на домашен план, но и да се разбијат митовите за климатските промени и невистините поврзани со користењето на гасот и нуклеарната енергија како алтернативи. Истовремено, потребно е да се знае методологијата по која Регулаторната комисија за енергетика ја формира цената на електричната енергија, посебно во услови на комплетно пореметен енергетски пазар. Конечно, треба да се разјасни и проблематиката на блок-тарифите, заштедата на електричната енергија но и контроверзните теми како изградбата на малите хидроцентрали и секако перспективите за енергетска независност на семејствата преку сопствено производство на електрична енергија. За сето ова разговараме со Д-р Наташа Марковска, професорка при Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ и м-р Марко Бислимовски, директор на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси на РСМ.
Friday Feb 24, 2023
Темнината е зад нас, светлината е пред нас
Friday Feb 24, 2023
Friday Feb 24, 2023
Признавањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од страна на Српската православна црква во мај 2022 година донесе комплетно нов, позитивен но и донекаде неочекуван пресврт во односите на МПЦ-ОА со другите православни цркви. По неколкудецениска борба за автокефалност, МПЦ-ОА го оствари вековниот сон на многу генерации Македонци кои сонуваа за самостојна црква која ќе биде прифатена од цела православна екумена. Сепак, признавањето и, уште поважно, прифаќањето на МПЦ-ОА од другите православни цркви отвори нови дилеми и недоразбирања во јавноста. Што точно значи признавање на една помесна православна црква, каква е улогата на веќе митскиот томос во целиот процес но и како другите цркви ќе ја именуваат нашата црква, со оглед на одредени резерви кои некои од нив ги имаат? За овие, но и за други дополнителни дилеми разговараме со проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ од Православниот богословски факултет и проф. д-р Александар Спасеновски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Thursday Jan 12, 2023
Toxic clubbing
Thursday Jan 12, 2023
Thursday Jan 12, 2023
Отворањето на двата културни клуба за афирмација на бугарските културни вредности во Р С Македонија, наречени по двете контроверзни историски личности, Иван Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети, отвори сериозни политички, историски но и безбедносни дилеми во нашето општество. Во атмосфера на недоверба и поларизација помеѓу двата народа по бугарското вето, а во светло на работата на Мешовитата историска комисија, се чини дека отворањето на двата клуба само дополнително ја искомпликува ионака компликуваната атмосфера помеѓу двете држави, не оставајќи премногу простор за компромис и добра волја од македонска страна. За историските и политичките околноати на отворањето на бугарските клубови во државава, но и за тоа зошто одбраните имиња предизвикуваат толкава контроверзна енергија кај нас, зборуваме со политичкиот аналитичар, политолог и поранешен дипломат Ивица Боцевски од ЦИКП и со проф. д-р Петар Тодоров од Институтот за национална историја при УКИМ.
Friday Dec 09, 2022
Незавршени поглавја - јавна администрација и антикорупција
Friday Dec 09, 2022
Friday Dec 09, 2022
Јавната администрација и борбата против корупцијата се теми кои се од клучна важност за приближување на Република Северна Македонија кон Европската унија. Сместени во делот на извештаите за напредокот на државата кон ЕУ наречен „фундаменти“, подобрувањата и евентуалните влошувања во овие две подрачја будно се следени од Европската комисија години наназад. Иако се чини дека се вложени огромни средства и политичка енергија на домашните но и странски фактори во последните две декади, резултатите како да изостануваат. Индексите кои ја мерат корупцијата во државата укажуваат на релативно ограничен напредок во борбата против корупцијата, а јавните перцепции кон јавната администрација не влеваат доверба дека нејзината ефикасност и ефективност видливо се подобрила. За системските проблеми во борбата против корупцијата и во јавната администрација, и за можните решенија во овие две сфери, разговараме со Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје и проф. д-р Драган Гоцевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Институт за комуникациски студии
Институтот за комуникациски студии (ИКС) е непрофитна научно-истражувачка организација основана во 2012 година, која спроведува истражувања и образовни програми од областа на комуникациските науки и медиумската политика и им помага на граѓаните да го штитат јавниот интерес преку застапување.
Нудиме знаења, вештини и експертиза за комуникациски менаџмент, новинарство, медиуми и медиумска писменост. Реализираме проекти и кампањи за зајакнување на граѓанското учество и застапување и за постигнување транспарентно, одговорно и партиципативно владеење.