In Medias Res
In medias res е месечен поткаст кој го објаснува апсурдното политичко и општествено секојдневие во Република Македонија. Преку анализа на настаните и одлуките кои нѐ довеле до тука, но и преку обид да се антиципираат идните настани – ин медиас рес го прави секојдневието полесно за разбирање. Ненад Марковиќ месечно води разговор со политиколози, историчари и општествени аналитирачи на теми кои сите нѐ засегаат.
Episodes

Thursday Apr 20, 2023
Пропорционално мнозинство
Thursday Apr 20, 2023
Thursday Apr 20, 2023
Потрагата по вистинскиот изборен модел кај нас трае подолго од три децении. По прогласувањето на независноста, државата го воведе мнозинскиот изборен модел за парламентарните избори, за веќе во 1998 година да стане јасно дека тој е несоодветен од многу причини. Во 1998 година се обидовме со комбиниран модел, за веќе во 2002 година да го воведеме оној кој и денес го имаме – пропорционалниот изборен модел со шест изборни единици и Д’онтовата формула. Иако се чинеше дека прашањето ќе заврши тука, сè погласни се намерите на одреден број политички партии и овој модел да се менува, поради тоа што не им дава премногу шанси на малите политички партии. Сепак, останува отворено прашањето дали магијата во изнаоѓањето на вистинскиот изборен модел кој ќе ги претстави верно гласовите и интересите кои постојат во општеството, а притоа нема да ја загрози стабилноста, треба да се бара во бројот на изборни единици, изборниот праг или формулата по која се пресметуваат мандатите. Од сѐ по нешто, изгледа... Сепак, тука не е крајот. Прашањата за изборниот модел на локалните избори, прагот за претседателските избори, но и родовата застапеност на изборните листи и олеснувањето на изборниот процес на лицата со попреченост претставуваат горливи прашања за кои мора да се поведе отворена општествена дебата. И тоа веднаш.

Thursday Mar 23, 2023
Чао, ЕВН!
Thursday Mar 23, 2023
Thursday Mar 23, 2023
Судирот во Украина изроди апокалиптични сценарија во кои европските држави требаше да се смрзнат измината зима, да доживеат енергетски колапс или во најмала рака да се соочат со енергетски дефицит кој би ги дестабилизирал политички и економски. Иако ништо од тоа не се случи, останува сепак впечатокот дека сега повеќе од кога било мора да се отворат темите на енергетска независност на државите, вклучително и Македонија, како и темите за енергетска транзиција, декарбонизација и секако инвестирањето во обновливите извори на енергија. Од една страна, постои потреба да се објасни која е иднината на енергетскиот сектор во Европа и кај нас, со цел да се постигне и поголема енергетска независност на домашен план, но и да се разбијат митовите за климатските промени и невистините поврзани со користењето на гасот и нуклеарната енергија како алтернативи. Истовремено, потребно е да се знае методологијата по која Регулаторната комисија за енергетика ја формира цената на електричната енергија, посебно во услови на комплетно пореметен енергетски пазар. Конечно, треба да се разјасни и проблематиката на блок-тарифите, заштедата на електричната енергија но и контроверзните теми како изградбата на малите хидроцентрали и секако перспективите за енергетска независност на семејствата преку сопствено производство на електрична енергија. За сето ова разговараме со Д-р Наташа Марковска, професорка при Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ и м-р Марко Бислимовски, директор на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси на РСМ.

Friday Feb 24, 2023
Темнината е зад нас, светлината е пред нас
Friday Feb 24, 2023
Friday Feb 24, 2023
Признавањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од страна на Српската православна црква во мај 2022 година донесе комплетно нов, позитивен но и донекаде неочекуван пресврт во односите на МПЦ-ОА со другите православни цркви. По неколкудецениска борба за автокефалност, МПЦ-ОА го оствари вековниот сон на многу генерации Македонци кои сонуваа за самостојна црква која ќе биде прифатена од цела православна екумена. Сепак, признавањето и, уште поважно, прифаќањето на МПЦ-ОА од другите православни цркви отвори нови дилеми и недоразбирања во јавноста. Што точно значи признавање на една помесна православна црква, каква е улогата на веќе митскиот томос во целиот процес но и како другите цркви ќе ја именуваат нашата црква, со оглед на одредени резерви кои некои од нив ги имаат? За овие, но и за други дополнителни дилеми разговараме со проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ од Православниот богословски факултет и проф. д-р Александар Спасеновски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Thursday Jan 12, 2023
Toxic clubbing
Thursday Jan 12, 2023
Thursday Jan 12, 2023
Отворањето на двата културни клуба за афирмација на бугарските културни вредности во Р С Македонија, наречени по двете контроверзни историски личности, Иван Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети, отвори сериозни политички, историски но и безбедносни дилеми во нашето општество. Во атмосфера на недоверба и поларизација помеѓу двата народа по бугарското вето, а во светло на работата на Мешовитата историска комисија, се чини дека отворањето на двата клуба само дополнително ја искомпликува ионака компликуваната атмосфера помеѓу двете држави, не оставајќи премногу простор за компромис и добра волја од македонска страна. За историските и политичките околноати на отворањето на бугарските клубови во државава, но и за тоа зошто одбраните имиња предизвикуваат толкава контроверзна енергија кај нас, зборуваме со политичкиот аналитичар, политолог и поранешен дипломат Ивица Боцевски од ЦИКП и со проф. д-р Петар Тодоров од Институтот за национална историја при УКИМ.

Friday Dec 09, 2022
Незавршени поглавја - јавна администрација и антикорупција
Friday Dec 09, 2022
Friday Dec 09, 2022
Јавната администрација и борбата против корупцијата се теми кои се од клучна важност за приближување на Република Северна Македонија кон Европската унија. Сместени во делот на извештаите за напредокот на државата кон ЕУ наречен „фундаменти“, подобрувањата и евентуалните влошувања во овие две подрачја будно се следени од Европската комисија години наназад. Иако се чини дека се вложени огромни средства и политичка енергија на домашните но и странски фактори во последните две декади, резултатите како да изостануваат. Индексите кои ја мерат корупцијата во државата укажуваат на релативно ограничен напредок во борбата против корупцијата, а јавните перцепции кон јавната администрација не влеваат доверба дека нејзината ефикасност и ефективност видливо се подобрила. За системските проблеми во борбата против корупцијата и во јавната администрација, и за можните решенија во овие две сфери, разговараме со Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ од Скопје и проф. д-р Драган Гоцевски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Институт за комуникациски студии
Институтот за комуникациски студии (ИКС) е непрофитна научно-истражувачка организација основана во 2012 година, која спроведува истражувања и образовни програми од областа на комуникациските науки и медиумската политика и им помага на граѓаните да го штитат јавниот интерес преку застапување.
Нудиме знаења, вештини и експертиза за комуникациски менаџмент, новинарство, медиуми и медиумска писменост. Реализираме проекти и кампањи за зајакнување на граѓанското учество и застапување и за постигнување транспарентно, одговорно и партиципативно владеење.