In Medias Res
In medias res е месечен поткаст кој го објаснува апсурдното политичко и општествено секојдневие во Република Македонија. Преку анализа на настаните и одлуките кои нѐ довеле до тука, но и преку обид да се антиципираат идните настани – ин медиас рес го прави секојдневието полесно за разбирање. Ненад Марковиќ месечно води разговор со политиколози, историчари и општествени аналитирачи на теми кои сите нѐ засегаат.
Episodes
Thursday Dec 26, 2024
Денешната работа не ја оставај за утре!
Thursday Dec 26, 2024
Thursday Dec 26, 2024
Претходното издание на Ин Медиас Рес зборувавме за активизмот кај младите, Студентскиот пленум и промените кои тој ги донесе, лекциите кои ги научивме, можностите за младите да се активираат денес и да придонесат во креирањето на подобра иднина за себе и за другите, но и за младите кои, за жал, сакаат „карта во еден правец“.
Во ова издание решивме да се надоврземе на темата млади, но од една поинаква перспектива – да зборуваме за можностите да се изгради професионална кариера и/или да се започне свој бизнис потфат во државата, за можностите за раст на таквиот (евентуален) бизнис, за претприемачкиот дух, за предизвиците во работата и слично.
Што беше нашата идеја?
Идејата беше да поттикнеме желба и мотив за сопствено надоградување кај младите, но и реално да ги согледаме потешкотиите и предизвиците со кои тие ќе се соочат при сопственото надоградување и надоградувањето на нивниот бизнис.
Константин Битраков разговараше со двајца исклучителни професионалци, Виктор Стојкоски, генерален секретар на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија и претприемач и Виктор Митевски, кој е дел од организаторите на Годишната конференција за е-трговија, во 2024 година одржана под под мототот „E-commerce: Untangling Potential“.
Пораката која може да ја извлечеме од она што двајцата гости го кажаа е следнава: денешната работа не ја оставај за утре! Или, во нашава конотација, започни што поскоро да ги реализираш своите идеи, зацртај цели и тргни кон нив.
Thursday Dec 12, 2024
Од младите за сите – младинскиот активизам некогаш, сега и во иднина
Thursday Dec 12, 2024
Thursday Dec 12, 2024
Се навршија десет години од деновите кога една група млади луѓе, организирани како Студентски пленум, ги поттикнаа најмасовните маршеви по скопските улици (барем по независноста на државата), првенствено барајќи автономија на универзитетите и дерегулација на една автономна сфера – високото образование. Поттикот беше најавеното, а подоцна и изгласано екстерно тестирање во рамките на високото образование (државен испит како услов за диплома). Маршевите беа проследени и со други активности, како окупација на единици – факултети на УКИМ, гостувања на телевизиски емисии, герила акции и слично.
Се разбира, низ самите протести на виделина излегоа и други проблеми со кои студентите односно младите воопшто се соочуваат: отуѓеноста од институциите, немањето за слух за нивните потреби, супстандардни услови за живот во студентските домови, немањето на можности за работа и слично, немање можност да се влијае на работата на тогашниот Студентски парламент на УКИМ кој во очите на поддржувачите на Студентскиот пленум беше киднапиран и непознат за студентите...
Фактот што помина една деценија е добар за да се направи рекапитулација за тоа:
Каде беа студентите и младите тогаш, а каде сега
Дали се подобри или влоши нивната положба во општеството во целина
Што беа поуките од студентските протести кои започнаа во 2014 година, како за самите учесници, така и за државата, т.е. институциите и политичарите кои раководат со нив
Кои се можностите на младите денес за да се активираат и да придонесат во креирањето на подобар свет за нив, но и за да се надградат себе си
Дали постои мотив кај младите да се градат себе си во оваа земја или пак с
Како да ги мотивираме младите денес на активизам?
На овие теми нашиот домаќин Константин Битраков, кој и самиот беше активен во студентските протести и Пленумот, разговара со двајца гости.
Ивана Туфегџиќ која исто така беше активист во Студентскиот пленум, а и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија во периодот од 2016 до 2017 година зборуваше за своето лично искуство во Пленумот и Собранието, лекциите кои таа ги научила и начинот на кој таа и денес, како граѓанин кој работи во приватниот сектор, придонесува во градењето на подобар живот за себе и своите сограѓани. Нејзината порака до младите, па и до сите граѓани е едноставна: доста е од дефетизам, потребно е активирање макар и на микро ниво, со една едноставна електронска порака до општината за најмалите локални проблеми. Само на тој начин македонското општество ќе се придвижи напред, предводено од активни и свесни граѓани. За формалните и неформалните граѓански организации денес таа испрати поука: Кога барате нешто од институциите, бидете јасни и прецизни, односно имајте јасна цел.
Ристо Савески кој е претседател на Младинскиот образовен форум (МОФ) посочи дека тој е оптимист и смета дека работите може да се подобрат. Впрочем, тие се и подобри за младите од пред десетина години: институциите комуницираат со нив, тие се инволвирани во креирање на политиките и не наидуваат на отуѓени политичари и (целосно) затворени врати ... што само по себе не значи дека младите се во совршена положба. Постои уште многу простор за работа. Клучно во таа насока за младите е тие да се активираат и јавно, на сите можни начини, да говорат за своите проблеми. Зошто? Бидејќи ако не кажеш дека имаш проблем, никој нема да знае, а ако кажеш ќе сфатиш дека и други го делат истиот проблем и може нешто да сторите за него. Исто така, во зборовите на Ристо, независно дали ти се „замараш“ со политика, таа се „замара“ со тебе. На крајот, Ристо потенцираше дека секој млад човек треба надвор од формалното образование да се приклучи и во младинските организации и неформални иницијативи каде се нуди сериозен простор за себе надградба.
Thursday Dec 12, 2024
Македонското членство во ЕУ: Тешко достижна, но вредна цел
Thursday Dec 12, 2024
Thursday Dec 12, 2024
Не треба посебно да се образложува дека патот до полноправно членство во Европската унија на Република Македонија, односно Република Северна Македонија (РСМ) по уставните измени од 2019 година, е долготраен и трнлив. Интеграцијата во Европската унија е деклариран стратешки интерес на државата уште од 1991 година, а во 2004 година Владата и формално поднесе барање за членство во Европската унија. Кандидатскиот статус беше доделен во 2005 година, а од тогаш беа донесени неколку клучни, дури можеби и монументални одлуки, како на пример онаа за визна либерализација во 2009 година. Но, за жал, ултимативната цел сѐ уште не е постигната.
За жал денес, 2024 година, РСМ сѐ уште не е членка на Европската унија, а македонскиот граѓанин сѐ уште не е дел од големото европско семејство, што само по себе предизвикува извесно разочарување кај него: последните анкети покажуваат пораст на скептицизмот (или извесен песимизам). Речиси 30 проценти од македонските анкетирани граѓани сметаат дека РСМ никогаш нема да пристапи кон Европската унија. Иако ваквата слика се должи на повеќе причини, несомнено е дека самата долготрајност на процесот на зачленување и условите за членство кои се резултат на барањата од соседните земји имаат голем придонес. Исто така, големо разочарување предизвика последната вест дека Албанија оди чекор понапред од РСМ во процесот на преговори за пристапување во Европската унија, отварајќи преговори по поглавја. Во реалноста, оваа вест создаде и извесна конфузија, имајќи предвид дека за отворање на преговорите зборуваме веќе долго време, а медиумите во неколку наврати објавуваа дека преговори се започнати.
Земајќи го предвид целиот овој контекст, во оваа епизода на Ин Медиас Рес зборуваме за интеграцијата во Европската унија. Обидувајќи се да се дистанцираме од дневните политички превирања, целиме да објасниме:
Каква е постапката за зачленување во Европската унија и каде моментално сме ние?
Што се случи во изминативе години, односно кои чекори ги изминавме, а кои ни остануваат?
Што значи инкорпорирањето на бугарските барања во преговарачката рамка и кои се нашите можности?
Каде стоиме наспроти земјите од регионот, кои исто така се кандидати?
Кои се предизвиците со кои се соочува и самата Европска унија (во контекст на проширувањето, но и пошироко)?
Што допрва треба да сториме самите како држава, за да бидеме подготвени да го отвориме нашиот пазар, односно да бидеме подготвени да сме дел од внатрешниот пазар на Европската унија?
Кои ќе бидат економските бенефити за РСМ по зачленувањето во Европската унија, споредбено со оние кои и сега ги имаме од Европската унија?
Дека членството во Европската унија, колку и да се чини далечно, е од огромна корист за РСМ и нешто кон кое треба и понатаму, покрај сите пречки, да се стремиме.
Во оваа смисла, разговараме со двајца експерти за европски интеграции, Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и Стефан Ристовски, истражувач во истата организација. Нашите пораки се јасни: предизвици постојат, но приоритетот за РСМ и македонскиот граѓанин треба да биде членството во Европската унија.
Monday Sep 30, 2024
Кој на која фотелја ќе седне и зошто?
Monday Sep 30, 2024
Monday Sep 30, 2024
Во дискусиите за реформата на јавната администрација, кои се чини дека секогаш се актуелни, сѐ повеќе се зборува за мерит принципот (или принципот на заслуга) при именувањето на функционери, односно за професионализацијата на раководните позиции во јавната администрација (што би значело дека нив треба да ги пополнат лица со соодветни компетенции и програми). Различни субјекти и организации говорат на оваа тема од различни перспективи.
Домашните стручњаци и невладините организации бараат поголема имплементација на принципот на мерит. Странските експерти често нѐ советуваат како да ги измениме законите за да добиеме посоодветни директори, а меѓународните организации нѐ уверуваат дека тоа ќе нѐ доведе поблиску до интеграција во Европската Унија.
Опозицијата (независно кој ја сочинува) често критикува дека се именуваат некомпетентни лица на раководни функции. Власта, пак, независно кои партии ја сочинуваат во даден временски период, се чини дека не сака да ги напушти повеќедецениските практики да ги именува директорите, членовите на управните и надзорните одбори и слично исклучиво според сопствените преференции и партиската припадност, занемарувајќи ги професионалните компетенции.
Следствено, во епизодата „Кој на која фотелја и зошто?!“ зборуваме за примената на принципот на заслуги во јавната администрација во Република Северна Македонија. Кои позиции треба да се пополнуваат исклучиво според принципот на заслуги? Постојат ли позиции за кои, освен компетенции, е потребна и блискост до програмските определби и политиките на Владата? Како да се осигураме дека едно директорско место или друга функција ќе ја пополни соодветно лице? Може ли да важат истите правила за сите директори (на класичните органи на државната управа, на јавните претпријатија, на јавните установи)? Треба ли да постојат управни одбори во органите на државната управа и јавните претпријатија? Зошто претходната Влада од 2018 до крајот на мандатот го најавуваше Законот за висока раководна служба, но тој не се усвои? Потребен ли е ваков закон? Како се злоупотребува можноста за именување на в.д. директори?
На овие теми дискутираме со проф. д-р Ана Павловска-Данева од Правниот факултет „Јустинијан Први“, воедно и уставен судија, и со Јулијана Караи која е Виш истражувач во Институтот за Европска политика – ЕПИ.
Monday Jul 29, 2024
Balansing act
Monday Jul 29, 2024
Monday Jul 29, 2024
Концептот на правична и рамномерна застапеност не е само последица на уставните амандмани произлезени од Охридскиот рамковен договор, туку е и едно од основните принципи врз основа на кои се уредуваат современите мултиетнички општества. Од една страна, ова значи релативно рамномерно претставување на различните етнички заедници во администрацијата, судството, јавниот сектор инт. Но, од друга страна, овој принцип не смее да го повредува начелото на квалитет и вредност, нешто што во македонското општество со години се проблематизира. Податоците на Центарот за управување со промени укажуваат дека спроведувањето на фамозниот „балансер“ е нешто што е подложно на крајно негативни јавни перцепции, особено во делот со изјаснувањето на етничката припадност, категорија која може да биде предмет на бројни манипулации, но и повреди на човековите права, доколку промената на ваквото изјаснување се забрани или ограничи. Конечно, најавата за комплетното укинување на балансерот во јавниот сектор упатува на една многу очигледна дилема – што би го заменило?
За проблематиката на балансерот, неговото функционирање, предизвиците, но и иднината зборуваме со Неда Малеска од Центарот за управување со промени и Константин Битраков од Правниот факултет при УКИМ.
Monday Jun 10, 2024
Колку пари, толку наука!
Monday Jun 10, 2024
Monday Jun 10, 2024
Рангирањето на најстариот македонски универзитет на 1.990 место од вкупно 20.000 универзитети укажува дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е многу блиску до испаѓање од 2.000 најуспешни универзитети во светот, а сè подалеку од посакуваниот пласман во првите 1.000 најуспешни универзитети. Она што навистина загрижува е надолниот тренд, каде од почетоците на неговото рангирање, УКИМ константно назадува. Другите македонски универзитети стојат уште полошо, но сепак очекувањата на јавноста во нашето општество се во најголема мерка фокусирани на УКИМ. И целиот притисок, секако.
Се поставува прашањето: Дали е возможно подобрување на состојбите во оваа сфера со оглед на средствата кои се одделуваат за наука од страна на Министерството за образование и наука (МОН), кои од мали во меѓувреме стана симболични? Не е реално да се очекува подобрување на пласманот на УКИМ во услови на безмалку непостоечки буџет за наука, ниту компензирање исклучиво со странски проекти. Неуспешната либерализација на високото образование создаде само дополнителен притисок врз најстариот универзитет кој мораше да се прилагоди на новонастанатата ситуација. Од друга страна, дебалансот кој се создава со запишување на само одреден број факултети кои се сметаат за „вработливи“ дополнително придонесува кон одлив на мозоци со оглед дека оваа вработливост најмалку се однесува на локалната економија. Тоа ги намалува шансите за поквалитетен научен кадар, но и квалитетно задоволување на пазарот на труд на локално ниво, а редовната критика дека УКИМ не комуницира со пазарот на труд секако останува.
За овие состојби и предизвици разговараме со проф. д-р Христина Спасевска и проф. д-р Владимир Петрушевски – Фили, обајцата поранешни проректори на УКИМ.
Monday Apr 29, 2024
Токсично, потоксично – кампања!
Monday Apr 29, 2024
Monday Apr 29, 2024
Почнаа кампањите. И претседателската и онаа за парламентарните избори. На почетокот претседателските кандидати некако срамежливо ги пласираа своите програми, а по втората недела работите почнаа да го добиваат својот вообичаен и очекуван тек – дисквалификации, навреди на идеолошка, но и лична основа, токсичност, партиски ботови и негативна кампања. Докажано е дека токму негативната кампања ги одвраќа неопределените гласачи да излезат на гласање, а истовремено токму овие неопределени гласачи кандидатите и партиите ги „ловат“ за подобрување на своето изборно конто. Значи, треба внимателно да се балансира меѓу навредите и додворувањето на неопределениот гласач, иако некогаш токму токсичните и штетни наративи се одлична алатка за мобилизација на потиштените гласачи и оној дел од општеството кој се чувствува обесправен и маргинализиран. Сè е до проценките, веројатно...
Сепак, ако се држиме до цврсти и научно добиени податоци, шестмесечниот извештај на Институтот за комуникациски студии (ИКС) „Мерење на политички штетни наративи“ јасно покажува дека политичките партии и лидери на македонската политичка сцена нималку не се лишуваат од употреба на штетни и токсични наративи како „легитимен“ дел од својата политичка тактика. Медиумскиот мониторинг на штетните наративи на политичките партии и лидери во периодот септември 2023 – февруари 2024 покажува загрижувачки податоци за зачестеноста и интензитетот на штетните наративи во политиката, нешто што е сосема логично да очекуваме да се влоши во текот на целиот период во кој ќе имаме две паралелни кампањи. Токму за овој извештај и за наодите до кои дојде тимот кој го изработува, разговараме со Бојан Георгиевски од ИКС и Елеонора Серафимовска од ИСППИ.
Tuesday Apr 09, 2024
Младите можат... можеби
Tuesday Apr 09, 2024
Tuesday Apr 09, 2024
Истражувањето за состојбата на демократијата ширум светот спроведено од ценети универзитети, истражувачки центри и меѓународни организации, открива голем број загрижувачки податоци во врска со ангажирањето на младите во политиката и нивното задоволство од демократијата. Како резултат на тоа, постои глобален пад на интересот на младите за политиката, како и нивното учество во гласачкиот процес.
Причините за овој пад се зголемениот економски јаз и исклучувањето на младите од пазарот на труд. Дополнително, миленијалците (родени 1981–1996) генерација со убедливо најмалку верба во демократијата и најскептичен став, според студија на Универзитетот Кембриџ. На ова се додава и комплетното отсуство на искуство или паметење на помладите генерации на каква било форма на авторитарен режим, па оттука лесно доаѓа до глорификација на вредности, кои ниту се искусени, ниту се разбрани, а кога би биле, веројатно ставот не би бил толку лаконски.
Кај нас, состојбите се по малку конфузни. Од една страна, најмладата генерација по одредени прашања има и поавторитарни ставови од средната генерација, со силно изразена тенденција кон популистички лидери и решенија. Од друга страна, најмладата генерација е најмалку мотивирана да гласа но има пооптимистични ставови во однос на доверба во институциите, НАТО и ЕУ и генерално кон политичките чинители, иако вредностите не се претерано високи. Од трета страна, пристапот кон дигитални алатки и дигитализацијата на политичкиот процес вооопшто носи сосема нови и неиспитани предизвици кај младите.
За оваа и многу други теми разговараме со Данило Крстовски, претседател на Факултетското студентско собрание на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Савче Ѓошева, студентски правобранител на УКИМ.
Monday Mar 04, 2024
Жени во(н) политика!
Monday Mar 04, 2024
Monday Mar 04, 2024
Студиите спроведени од веродостојни меѓународни организации покажуваат дека кај жените, споредено со мажите, постои три пати поголема веројатност да бидат жртви на насилство како резултат на нивното активно учество во политиката. Постојат многу различни видови насилство, вклучувајќи заплашување, говор на омраза, закани, психичко малтретирање, сексуално вознемирување и понижување. Постојат многу различни форми, но причините зад нив сè уште се мистерија за науката. Едно објаснување што може да се даде е дека насилниците се обидуваат да ги спречат жените да учествуваат колку што е можно повеќе во политиката, бидејќи не ги гледаат како рамноправни членови на општеството - постапка која треба да ги обесхрабри жените од самиот почеток да се занимаваат со политика и да ја напуштат своеволно. Ова е поврзано со обесхрабрувањето на жените воопшто да влезат во политиката и да се ангажираат во политичкиот процес.
Резултатот е несомнено штетен, бидејќи политичкиот процес ја губи својата репрезентативност. Дополнително, вклученоста на жените во политиката има поволно влијание кое науката го поврзува со поголемиот степен на смиреност, зголемената емпатија и леснотијата во пронаоѓање компромиси за одредени теми. Ситуацијата кај нас е идентична - учеството на жените беше и останува неверојатно ниско, особено на извршните позиции.
Што е политичко насилство врз жените, зошто сè уште се случува и како влијае на репрезентативноста и на политичкиот процес воопшто, разговараме со Бојана Јовановска од Институтот за комуникациски студии и Гордан Георгиев од Форумот за разумни политики.
Monday Feb 05, 2024
Јас само да прашам!
Monday Feb 05, 2024
Monday Feb 05, 2024
Предизборните кампањи само што не почнале. А еднаш кога ќе почнат, испитувањата на јавното мислење се секојдневна тема, па зачестуваат и објавите на различните институти, агенции и центри кои испитуваат јавно мислење. Партиските реакции следат „по дифолт“. Граѓаните секогаш реагираат на анкетите, некогаш позитивно, а често и негативно, особено затоа што многумина сметаат дека анкетите се инструмент за правење притисок и насочување на јавното мислење кон одредена партија или коалиција. Неретко грешки прават и медиумите и ја комплицираат ситуацијата, бидејќи нејасно известуваат за анкетните резултати и не ги објаснуваат доволно и во детали резултатите кои ги анализираат. Дополнително, граѓаните се збунети и од анкетните центри „за една употреба“ кои објавуваат испитувања на јавното мислење со нереални и очигледно пристрасни резултати што резултира со неможност на граѓаните да разликуваат меѓу кредибилни и не кредибилни центри за испитување на јавното мислење.
За темата испитувања на јавното мислење, зборуваме со Андреја Стојковски од „Преспа Институтот“ и Никола Спасов од агенцијата „Рејтинг“.
Институт за комуникациски студии
Институтот за комуникациски студии (ИКС) е непрофитна научно-истражувачка организација основана во 2012 година, која спроведува истражувања и образовни програми од областа на комуникациските науки и медиумската политика и им помага на граѓаните да го штитат јавниот интерес преку застапување.
Нудиме знаења, вештини и експертиза за комуникациски менаџмент, новинарство, медиуми и медиумска писменост. Реализираме проекти и кампањи за зајакнување на граѓанското учество и застапување и за постигнување транспарентно, одговорно и партиципативно владеење.